Перишиќ испиша историја на „Бернабе“: На 37 години сруши неколку рекорди во Лигата на шампионите!

Иван Перишиќ продолжува да ги поместува границите и на 37-годишна возраст. Хрватскиот репрезентативец ја затресе мрежата на Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабе“, носејќи му водство на ПСВ од 1-0, но погодокот имаше и историска димензија.

Перишиќ во 32. минута ја презеде одговорноста и сигурно реализираше од белата точка, откако Орелијан Чуамени направи прекршок за најстрога казна. Со овој погодок, искусниот Хрват влезе во историјата на елитното европско натпреварување.

На возраст од 37 години и 295 дена, Перишиќ стана најстариот фудбалер кој постигнал гол од пенал во историјата на модерната Лига на шампионите. Истовремено, се искачи на четвртото место на листата на највозрасни стрелци во ова натпреварување, зад Пепе, Давид Луиз и Франческо Тоти.

Но, тоа не е единствениот рекорд што го постави на гостувањето во Мадрид. Перишиќ стана и најстариот фудбалер кој некогаш постигнал гол против Реал во Лигата на шампионите.

Хрватот се наоѓа во одлична голгетерска форма и ова за него беше трет последователен натпревар со постигнат погодок за клубот и репрезентацијата. Серијата ја започна со гол за Хрватска во победата од 2-1 против Чешка, а продолжи со реализација од пенал во убедливиот триумф на ПСВ против НЕЦ со 4-1.

Дополнително, погодокот на „Бернабе“ беше негов јубилеен десетти во кариерата во Лигата на шампионите. Со тоа Перишиќ се искачи на делба на третото место на вечната листа на најдобри хрватски стрелци во најелитното европско клупско натпреварување.