МЗТ Скопје посакува со важна победа во АБА2 да ја „сефтоса“ новата година!
Станува збор за меч со големо резултатско значење за двата тима, кои по пет одиграни кола имаат идентичен учинок од три победи и два пораза, што дополнително ја зголемува важноста на вечерашната пресметка во Скопје. Тренерот на „металците“, Васко Атанасов очекува силна поддршка од трибините и верува дека неговиот тим има капацитет да ја продолжи успешната серија против српскиот ривал.
„Годината ја започнуваме против екипа која е меѓу најдобрите во АБА2. Натпреварот е исклучително важен за двата тима и очекувам голема борба од првата до последната минута. Поддршката од публиката може да ни донесе дополнителна предност. Добро трениравме и ако одиграме на нашето ниво, верувам дека ќе се радуваме на крајот“, истакна Атанасов.
МЗТ Скопје и Војводина досега двапати се сретнале во АБА 2 лигата, а во двата меѓусебни дуели победата им припадна на „штрковите“.