Вујовиќ: Ќе навивам за Хрватска, Србија и Македонија, тука се игра најдобриот ракомет

Веселин Вујовиќ со својата Словенија не обезбеди настап на Светското првенство во Данска и Германија, што започнува денеска, но темпераментниот тренер сигурно нема да пропушти да ги гледа натпреварите. 

Црногорецот вели дека со цело срце ќе навива за репрезентациите од поранешна Југославија, со кои е поврзан на секаков начин.

„Ако треба да навиваме за некого, тоа сигурно се Хрватска, Србија и Македонија, за нашите репрезентации и ракометот да се врати таму каде што му е местото, а мислам дека ние од Југославија секогаш сме го играле најдобриот ракомет во светот“, вели Вјујовиќ во интервју за босански „Ослободување“.

Тој не ги става репрезентациите од поранешна Југославија меѓу фаворитите за освојување на Светското првенство, но дека Хрватска има шанса да стигне најдалеку, додека Македонија и Србија имаат подмладен состав.

„Хрватите имаа еуфорично Европско првенство лани на кое беа домаќини, но се лизнаа. Ако не успеаа на домашен терен во Хрватска, тешко дека ќе го направат тоа сега. Лично се плашам дека може да постои одредена доза на нервоза помеѓу селекторот Лино Червар и играчите. Лино со една нога веќе ја напушти селекцијата, но потоа на чудесен начин се врати. Сега ако нема добар резултат, тој сигурно си оди, што може да им наштети на играчите, но и на него. Едно е кога знаете дека селекторот е тука на подлги патеки, а друго е кога знаете дека заминува за 15 дена, тогаш може да се појави тој балкански менталитет, недисциплина или нешто што може да смета кон постигнување на врвен резултат, но дај боже таа тивка амбиција на Хрватска за ова СП да биде нивни најголем адут“, анализира Вујовиќ.

Србија има многу подмладен состав. Порано имале далеку поголеми ѕвезди од сега, но тие не го даваа максимумот во репрезентацијата и следуваа лоши резултати. Дај боже сега да се направи вистинска хемија, да се создаде добра група на играчи, да Ненад Перуничиќ биде вистински лидер, кој ќе знае како да ги склопи коцките и Србија да тргне на еден сериозен пат“, додава Црногорецот, кој истакнува дека Македонија и натаму силно се потпира на Кире Лазаров.

Иако е многу тешко, но ако најдат добро решение за замена на Кире Лазаров, тогаш и Македонците можат многу во следните години. Имаат млади крила, создадоа неколку млади бекови, но им недостига тој играч на десен бек. Доколку Киро издржи на првеството во силно темпо со многу натпревари за кратко време, Македонија може да има добар турнир“, завршува поранешниот тренер на Вардар и селектор на Македонија.