Вардар загуби во Нови Сад и го одбра Е. Пелистер наместо Веспрем за противник

Вардар не можеше да направи нешто повеќе на гостувањето во Нови Сад кај Војводина, во ситуација кога отпатува без 11 ракометари, па загуби убедливо со 24-33. Овој пораз значи дека го освојува третото место во групат Б, поради што дополнително мора да игра осминафинале. Меѓутоа, истовремено тоа значи и дека го избегна Веспрем во четвртфиналето и ќе оди на Еурофарм Пелистер.

И со шестмина кадети во тимот, црвено-црните, сепак ѝ парираа на Војводина и почнаа добро, со тесно водство, на моменти и со два ралзика. Рамнотежата траеше 15-тина минути, докога Вардар водеше со 9-8, а потоа настапи пад. Со серија од 3-0, Војводина направи чекор кон поубедливо водство, а дури и кога постигнаа гол вардарци, тоа остана единствениот нивен во периодот од 16. до 30. минута, па домаќинот го искористи тоа за да ја надгради предноста и да замине на пауза со 16-10.

 Во второто полувреме водството породлжи да расте, Стевче Алушовски се обиде со празна мрежа, со „7 на 6“ во нападот, но максимум што успеа беше да дојде до 24-19 во 47. минута. Беше и плус 11 за Војводина пред крајот, па српскиот шампион запиша убедлива победа, само втора во 14 соочувања со Вардар во СЕХА-лигата.

Дибиров беше најефикасен со девет гола, Калараш постигна седум од седум, а со седум најефикасен беше и Томиќ кај Војводина. Со овој пораз Вардар остана на девет бод, колку што има и Нексе, но поради подобриот меѓусебен однос, тимот од Нашице го зазема второто место што значи го прескокнува осминафиналето и оди директно во четвртфиналето, на Веспрем. Вардар, практично одбра да игра дополнителен натпревар, против Металопластика во осминафиналето, но потоа со победа ќе оди на Еурофарм Пелистер, во борба за Ф4.