Минчо конечно ги исплати задоцнетите плати, па сега ќе му посветат натпревар!

Металург и оваа сезона се соочуваше со финансиска криза, со доцнење на платите и со заминување играчи, но во февруари играчите добија финансиска инјекција, па беше спречен поголем егзодус.

Тогаш, на прес-конференција капитенот Филип Кузмановски постави ултиматум до раководството на клубот, а сега во ист амбиент тренерот Александар Јовиќ рече дека последниот натпревар од СЕХА-лигата ќе му го посветат на газдата Минчо Јорданов.

„Во недела ни е последен натпревар во СЕХА за оваа сезона и би ја искористил оваа пригода да ја поканам нашата верна публика да дојде во што поголем број и ветувам во мое име и во име на играчите дека нема да ги разочараме. Наша обврска е овој натпревар да го одиграме како што треба и да го посветиме на нашиот спонзор Минчо Јорданов, кој и покрај сите проблеми изнаоѓа средства за Металург да опстои како клуб и во иднина да се врати на старите патеки“, изјави Јовиќ на прес-конференцијата, која го најави мечот со Целје, в недела во 17.45.

Очигледно, за да се биде херој доволно е да се реши проблемот, кој самиот сте го предизвикале во прва рака.