Вујовиќ: Бевме подобри, ама ремито е – реално!

Ракометарите на Вардар со еден бод се враќаат од гостувањето кај Елверум (27-27) на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), но лесно можеа да го освојат и целиот плен, со оглед на водството во поголемиот дел од средбата како и имање последен напад кој заврши со големо промашување на Анте Гаџа.

Тренерот Веселин Вујовиќ потенцира дека тоа бил интересен натпревар во кој нерешениот исход бил реален според односот на силите на теренот.

„Против Елверум одигравме интересен натпревар. Бевме подобри во првото полувреме, а противникот во дел од вториот дел од мечот. Поради тоа, ремито можеби е реален резултат. Елверум игра многу добар ракомет, на високо ниво, а ние веќе размислуваме на следниот меч“, изјави Вујовиќ.

Вардар вториот меч во во ЛШ ќе го одигра за една недела, кога во „Јане Сандански“ќе гостува Мешков Брест (20.45 часот).

„И ние и Елверум сакавме да победиме, па затоа мислам дека е фер резултатот. Сега имаме три домашни мечеви во ЛШ, во кои ќе се обидеме да освоиме што повеќе бодови“, изјави хрватскиот плејмејкер на Вардар, Гаџа.

По со Мешков Брест, Вардар ќе го пречека данскиот Алборг (29 септември), а потоа и Монпеље (13 октомври).