Вардарци во одмазда за младинците од СЕХА: Мешков нема лесно да помине!

Вардар беше еден од најдобрите европски клубови од почетокот на сезоната, но пред паузата за репрезентации го претрпе првиот пораз, на гости кај Кјелце во ЛШ, а потоа дојдоа уште два во СЕХА. Последниот, од Мешков Брест е планиран и свесно дозволен, иако беше со 35-20. Тоа беше цена која Парондо ја плати за да може да го добие белорускиот тим на поважниот мегдан, во ЛШ, вечерва од 17.30.

Роберто Парондо ќе добие прошка од својата публика за поразот од 15 разлика во Брест само ако вечерва го надмудри Маноло Каденас и го добие Мешков. Шпанскиот тренер на Вардар донесе одлука да се подготвува со првиот тим во Скопје наместо да патува и сега треба да покаже дека одлуката била добра.

Во текот на неделата Вардар доби лоша вест од ЕХФ, дека својот втор стрелец, Вуко Борозан ќе го нема на располагање поради суспензија од еден меч. Тоа значи дека товарот на левата бековска позиција ќе падне врз Кристијан Дисингер, новото многу звучно засилување кое дојде од Кил.

Каденас веќе се огласи дека малку му олеснало што против себе нема да го има еден од најдобрите шутери на светот, но тоа не значи дека Дисингер нема да понуди нешто што нему му е силна страна и да биде мало изненадување за Мешков.

Бодовите му се потребни на Вардар и затоа што во претходното коло го загуби првото место во групата А, па ако сака да ја продолжи трката со Барселона и со Кјелце мора да држи чекор. Ова уште повеќе затоа што шпанскиот и полскиот првак играат меѓу себе ова коло, а во следното Барса гостува во Скопје.

Мешков е добар противник за еден ваков предизвик и при ваков притисиок, затоа што е во, условно, долната половина од групата. Во досегашниве пет кола има само две победи, против аутсајдерот Кристијанштад на гости и дома против европскиот првак, Монпелје, кој, пак, се однесува како аутсајдер (има 0-5).

Во Скопје, Мешков имал и добри резултати, како победата во октомври 2015 и ремито во август 2016, двете во СЕХА, сепак во 18-те меча против Вардар, македонскиот првак има 10 победи, белорускиот шест, а двапати било нерешено.