Лудница на „Олд Трафорд“: Шешко со мајсторија го поништи евроголот на Кевин! (ВИДЕО)

Манчестер јунајтед со Мајкл Керик на клупата ја запиша и третата победа во низа во Премиер лигата откако денеска „црвените-ѓаволи“ го совладаа Фулам со 3-2.

Резултатот на „Олд Трафорд“ беше отворен по само 19 минути игра кога Касемиро погоди по асистенција на Бруно Фернандеш. Со предност од еден гол „црвените ѓаволи“ заминаа и на пауза.

По десетина минути игра во вториот дел Матеус Куња се запиша во листата на стрелци за 2-0. Фулам знаеше на моменти да се закани, a успеа да намали во 85-тата минуга кога погоди Хименез од пенал. Претходно видовме и еден поништен гол на Фулам поради офсајд.

Тогаш во суддиското продолжение следеше вистинска драма. Прво Кевин со еден еврогол во 91. минута израмни на 2-2 и кога се мислеше дека дуелот ќе заврши со реми блесна Бенјамин Шешко.

Скапото засилување на Јунајтед одлично се снајде во шеснаесетникот по додавањето од Фернандеш кој запиша уште една асистенција, а тој погоди за 3-2.