Станува здодевно: Ф4 во ЛШ останува во Келн до 2024!

Европската куќа на ракометот (ЕХФ) го продолжи договорот со Келн на уште нови четири години за организација на завршниот турнир во Лигата на шампони во машка конкуренција. 

Актуелниот договор помеѓу двете страни истекуваше во 2020 година, но ЕХФ и Келн се договорија да го продолжат партнерството до 2024 година. Следната година во мај ќе се заокружи десетгодишнина од воведувањето на завршниот турнир во елитното ракометно натпреварување, што се одржува во „Ланксес арената“. 

„Келн е специјално место за сите во европскиот клупски ракомет“, изјави Михаел Видерер, првиот човек на ЕХФ. „Секој играч сонува да игра во Келн, а овој настан е нешто што секој навивач сака да го доживее и Келн стана зборно место за да се докаже 'кој е кој' во европскиот ракомет година по година“, додаде тој.

„Ова се прекрасни вести и голема доверба од ЕХФ. Ова според мене е исправниот избор и тоа не само поради одличната соработка што ја имаме со сите инволвирани страни во овој настан, туку и поради фантастичните навивачи и атмосферата која ја нема конкуренција. Ракометот си го најде својот дом во Келн“, изјави градоначалничката на германскиот град, Хенриете Рекер. 

Келн е домаќин на сите досегашни завршни турнири во Лигата на шампионите, а Будимпешта кај ракометарките. Во иднина, откако ќе истече новиот договор по 2024 година, ЕХФ можеби ќе се сети дека во Европа има и други градови кои живеат за ракометот и ќе им даде шанса да бидат домаќини на овој завршен турнир.