Швајцарија не излезе со „бело знаме“, ремизираше со Исланд!

Ракометната репрезентација на Швајцарија одигра нерешено со Исланд 38-38 во натпревар во кој имаше неизвесност до самиот крај.

Швајцарија уште пред овој натпревар ги загуби шансите за место меѓу најдобрите четири, но денеска не се откажа предвреме и беа мотивирани да му направат проблеми на фаворитот.

Уште од самиот почеток „мирисаше“ на изненадување. Швајцарците имаа предност од стартот, а на полувреме се замина со израмнет резултат 19-19.

Второто полувреме мина во знакот на континуирана предност на Швајцарија, која се движеше од еден до три гола. Исланд не се предаваше и на крајот дојде до вистинска драма.

Се влезе во неизвесна завршница, а натпреварот заврши без победник. На 50 секунди пред крајот, при резултат 38-38, на Швајцарија ѝ беше досудено пробивање во последниот напад.

Исланѓаните добија 50 секунди за организација на последниот напад и евентуална победа, која за нив имаше огромно значење. Сепак, тие долго калкулираа и доцнеа со ударот, додека Швајцарија одигра цврста одбрана. На крајот, обидот со шут по девет метри, само две секунди пред истекот на времето, заврши во блокот на Швајцарците и резултатот остана 38-38.