По лизгавиот терен, се „скрши“ и кошот во Куманово – цехот го плати Урош Луковиќ (ВИДЕО)

Реновираната сала во Куманово, на што беа потрошени повеќе од два милиони евра, никако да блесне во полн сјај и да стане гордост на градот, пред се поради многуте проблеми со кои се соочува во делот на немање греење односно ладење, но и поради неадекватното монтирање на опремата – пред се на кошевите.

Кумановци синоќа неочекувано загубија од Чаир 2030 (72-76) во меч кој се играше два дена, односно кој завчера беше прекинат по нецели две минути игра поради лизгав терен. Во повторниот обид овој проблем беше решен, но неочекувано се појави нов и тоа на загревањето. Урош Луковиќ, центарот на домашниот тим, ја заби топката и тоа без некоја преголема агресија, по што, на изненадување на сите во салата, семафорот за 24 секунди над таблата „откажа послушност“ и само се „испружи колку што е долг“.

Следуваше жестока „борба“ на луѓето задолжени за функционирање на кумановската сала, кои по извесен период го решија проблемот со цел натпреварот да не мора и по вторпат да се одложи. Цехот за ова го плати Луковиќ, кој и самиот беше шокиран од информацијата дека добил техничка грешка за нешто што апсолутно не беше негова вина, поради што продолжението од мечот почна со слободно фрлање за гостите од Чаир.