
РФМ: Го осудуваме неиграњето на АЕК – очекуваме праведна одлука од ЕХФ!
Натпреварот, кој требаше да се одигра пред македонската публика во „Борис Трајковски“ во Скопје, беше одложен откако тимот на АЕК одби да излезе на теренот. Причината, според достапните информации, била поврзана со барањата на дел од нивните навивачи да добијат влез на трибините и покрај тоа што за гостинскиот тим беа одобрени 200 билети. РФМ оценува дека неизлегувањето на терен од страна на АЕК е директно кршење на правилата на ЕХФ и напад врз основните вредности на спортот: фер-плеј, почитување на противникот и одговорност кон натпреварувањето.
„Сметаме дека неизлегувањето на терен од страна на АЕК претставува директно прекршување на спортскиот кодекс и обврските кои произлегуваат од учеството во натпреварувањето организирано под капата на ЕХФ. Во таа насока, очекуваме ЕХФ да донесе праведна одлука која ќе го заштити интегритетот на натпреварувањето и фер односот кон клубовите кои ги почитуваат правилата“, се вели во соопштението на Федерацијата.
РФМ додава дека целосно стои зад Алкалоид, кој постапил професионално, спортски и согласно сите регулативи, подготвен да го одигра финалето пред својата публика.
„Алкалоид покажа максимална спортска подготвеност и професионален пристап. Убедени сме дека нашите клубови, навивачи и сите засегнати страни заслужуваат фер и транспарентен третман,“ се дополнува во соопштението.
Алкалоид во реванш-мечот требаше да влезе со предност 29-25 обезбедена од првата средба во Атина.