„Против Барса бевме скоро перфектни, а со Магдебург сакам да одиграме уште подобро!“

По одличното издание и покрај поразот против шпанскиот првак Барселона (30-34), екипата на Пелистер се соочува со нов огромен предизвик во Лигата на шампионите – утрешното гостување кај актуелен европски првак, германскиот Магдебург.

На прес-конференцијата пред заминувањето за Германија, тренерот Рубен Гарабаја ги сподели очекувањата и атмосферата во тимот пред дуелот со моќниот ривал.

„Се надевам дека ќе можеме да бидеме уште подобри од мечот со Барселона, зашто одигравме одлично. Не бевме перфектни, но бевме блиску. Ако не сте компактни и безгрешни против тим како Магдебург, сигурно ќе имате многу проблеми. Ќе видиме кои играчи се најподготвени за настап – нема да ризикуваме со оние што не се сто проценти фит. Ќе дадеме максимум со кадарот што го имаме на располагање.“

Тој предупреди и на карактеристичниот стил на германскиот првак:

„Сите знаат каков ракомет негува ривалот – брз, со опасни контри и лесни голови. Ќе се обидеме да ја искористиме секоја прилика што ќе ни се пружи“, дополни стратегот на битолчани.

Сличен оптимизам, но и реалност, изрази и Ник Хенигман, кој очекува тежок, но интересен дуел.

„Точно е дека се подготвуваме максимално за овој меч. Ние секогаш мислиме на победа и сакаме да освоиме два бода, иако знаеме дека тоа не е воопшто лесно. Се подготвуваме за нивниот силен напад, особено во ситуациите ‘еден на еден’, но ќе се обидеме да се справиме со нивната физичка моќ. Барселона игра поинаков ракомет, додека Магдебург е експлозивен и сака да доминира на линијата од седум метри“, рече словенечкиот бек.

Тој нагласи дека секој натпревар во Лигата на шампионите е од огромна важност:

„На европската сцена сите се трудат да освојат што повеќе бодови, затоа и ние ќе се трудиме да се претставиме во подобро светло. Добрата форма од Европа сакаме да ја пренесеме и во домашното првенство“, додаде Хенигман.

Натпреварот меѓу Магдебург и Пелистер ќе го судат Адам Биро и Оливер Киш од Унгарија. Средбата ќе се одигра во рамки на 6. коло од групната фаза на ЕХФ Лигата на шампионите, во која зелено-белите досега имаат една победа и четири порази.