ГРК Охрид не престанува да се засилува – дојде поранешен голман на Висла Плоцк!

Поранешниот хрватски репрезентативен голман, Кристијан Пилиповиќ, е најново засилување на ГРК Охрид, со кој потпиша договор најмалку до крајот на оваа сезона.

Триесетгодишниот искусен чувар на мрежата доаѓа по осум сезони во швајцарскиот Кадетен Шафхаузен, каде што стекна богато меѓународно искуство. Во својата кариера ги бранел и боите на Висла Плок (Полска), Нексе (Хрватска) и Фиверс (Австрија). Пилиповиќ има одиграно официјални натпревари за сениорската репрезентација на Австрија, со која настапи на ЕП 2018 и на СП 2019, а од 2022 година е дел од националниот тим на Хрватска.

„Барав амбициозен проект, нешто ново што ќе ме мотивира. Сакав да работам со луѓе кои се фанатично посветени на ракометот, и тоа го препознав во Охрид. Бев таму, луѓето се навистина луди за ракомет и сакаат да создадат нешто големо. Впечати ме градот, пристапот на клубот и разговорите со спортскиот директор и тренерот, па одлуката ја донесов лесно. Верувам во добри резултати и успешна иднина“, изјави Пилиповиќ.

Со неговото доаѓање, Охрид добива голман со меѓународно искуство и репрезентативен квалитет, што значително ќе ја зајакне одбраната на тимот во продолжението од сезоната, во која „рибарите“ ќе се обидат да ја растурат „светата тројка“ во македонскиот ракомет.