РФМ им се заблагодари на три ракометарки за сѐ што направија за Македонија!

Челниците на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) им оддадоа признание и искрена благодарност на трите истакнати репрезентативки – Јована Саздовска, Елена Ѓорѓиевска и Симона Маџовска, кои официјално ставија крај на својата репрезентативна кариера.

Церемонијата се одржа во пресрет на натпреварот меѓу женските сениорски репрезентации на Македонија и Словенија. Во знак на почит за нивниот долгогодишен придонес кон македонскиот ракомет, врамени дресови им врачија претседателот на РФМ, Александар Стефанов, генералниот секретар Влатко Тасевски, како и легендата на македонскиот ракомет, Индира Кастратовиќ.

Од Куќата на ракометот порачаа дека Саздовска, Ѓорѓиевска и Маџовска со својот професионализам, пожртвуваност и посветеност оставиле траен белег во националниот тим, а нивниот пример ќе биде инспирација за идните генерации ракометарки.

„Ви благодариме, Јована, Елена и Симона!“, стои во пораката на РФМ.