Главните биле Бугари: Уапсени 15 лица во четири земји за местење тениски средби!

Координирана полициска и правосудна акција на Франција, Бугарија, Шпанија и Романија доведе до разбивање на криминална мрежа која со години местела тениски мечеви низ Европа.

Според Европската агенција за правда (Еуроџаст), при акцијата се уапсени 15 лица, а извршени се и бројни претреси за прибирање докази. Истражните органи утврдиле дека групата организирано делувала од 2018 година, со цел финансиска добивка преку местење резултати на тениски натпревари. Во најголем дел, биле вклучени играчи надвор од Топ 100 на АТП листата, кои за пари договарале намерни порази.

„Властите од четирите земји разбија група што воспоставила сложен систем за местење мечеви и обезбедувала големи профити на своите клиенти во периодот од 2018 до 2024 година“, соопшти Еуроџаст.

Првите сомнежи се појавиле откако истражителите забележале ненадејни порази на фаворити и грешки во клучни поени на натпреварите. Сомнежот дополнително се зголемил кога биле откриени идентични облози во повеќе земји, насочени кон истите тенисери. Обложувањата најчесто се однесувале на тоа одреден играч да изгуби сет или меч, а сметките за обложување биле отварани исклучиво за тие трансакции. Истрагата покажала дека центарот на операциите бил во Бугарија, каде што се воделе активностите и се координирале посредниците во другите држави. Досега е откриена незаконска добивка од најмалку 800.000 евра, но конечниот износ може да биде и значително поголем, бидејќи истрагата продолжува.

Во рамките на акцијата се уапсени девет осомничени во Франција, четворица во Бугарија, а по еден во Шпанија и Романија. Во сите земји се спроведени претреси со цел да се обезбедат дополнителни докази. Истрагата против мрежата што местела тениски мечеви во Европа сè уште трае, а властите не исклучуваат нови апсења.