Премиера на европскиот првак во Скопје: Мора да се запре напаѓачката сила на Нант!

Откако Вардар зачекори кон одбрана на своето шампионско наследство во европскиот ракомет, сега на ред е „премиерата“ пред домашната публика. Црвено-црните денеска го пречекуваат Нант, во 2. коло од групата А, во ЛШ.

Поголема е одговорноста, поцврста е обврската и, природно, посилна е и желбата да се победи под аплаузите во „Јане Сандански“, кога под името на Вардар стои потписот - европски првак. Раул Гонзалес и неговите момци веќе се влезени во една здрава рутина, во тимска хармонија која беше адут за да ја остварат и највисоката цел, сега треба само да ги канализираат емоциите.

Вардар е фаворит против Нант и ќе се однесува како таков, иако нема да му биде лесно. Еден проблем е неочекуваната повреда на Игор Карачиќ, на два дена до натпреварот. Вториот е извонредниот противник, во чии редови игра и Кире Лазаров.

Карачиќ го истегна скочниот зглоб на левата нога и ќе паузира некое време, што ќе претставува голем хендикеп. Точно дека Вардар го има Лука Циндриќ како прва опција на позицијата среден бек, но во филозофијата на Раул многу важна е ротацијата. Сега Циндриќ ќе мора да стисне заби, а би го менувал Жоан Кањелјас, иако во составот за денеска е и 22-годишниот плејмејкер Јања Војводиќ, кој досега се калеше во СЕХА.

Нант, од друга страна, силовито ја почна сезоната, со пехар во „Трофејот на шампионите“, совладувајќи ги ПСЖ и Монпелје, а потоа се справи и со Пик Сегед во ЛШ. Нивната офанзивна сила импонира, така што Раул ќе мора или да ги победи во нивната игра - да постигне повеќе голови - или да успее да го запре размаваниот напад.

Натпреварот почнува во 17.30 минути, а бодовите од него ќе претставуваат втор чекор кон врвот на групата А, каде што нишани Вардар.