
Пелистер со пораз се збогува од ЛШ: ПСЖ ја освои Битола, ама не стигна до второто место
На домашен терен, битолчани загубија од ПСЖ со 26-35, но мечот имаше само ревијален карактер бидејќи Пелистер уште минатата недела ги загуби шансите за пласман во плејофот, а по триумфот на Фуксе против Веспрем, стана јасно дека ПСЖ не може да дојде до второто место на табелата и со тоа да се пласира директно во четвртфиналето.
Францускиот шампион ја оправда фаворитската улога и беше во водство во текот на целиот натпревар. Отвори со 2-0, за кратко време дојде до 7-3, а и покрај тоа што подоцна Пелистер со серија од три гола се доближи на еден негатива, на голем одмор се замина со 18-13 за гостинскиот тим. Во второто полувреме водството дополнително беше зголемено до највисоките +9 со колку што заврши натпреварот.
Филип Кузмановски со осум гола беше најефикасен кај Пелистер, Пешевски постигна четири, а Тајник уште три. Голманите остварија девет одбрани од кои седум Филип Ивиќ, а две Никола Митревски.