
Анри го предупредува новиот бисер на Барса: Внимавај да не завршиш како Кркиќ
Со само 17 години, тој веќе е стандарден во шпанската репрезентација, а неизбежен дел од тимот на Барселона и фудбалер кој веќе сега има над 100 настапи во професионалниот фудбал. Некогашниот голгетер на Барса, Тиери Анри не крие дека му се воодушевува на тинејџерот, но предупредува да не му се повтори судбината на Бојан Кркиќ. На возраста на Јамал, Кркиќ беше најдобар млад фудбалер во светот, блескаше и на клупски и на репрезентативен план, но не успеа да го искористи потенцијалот и рано згасна неговата ѕвезда.
„Истото што сега се случува со Јамал јас го поминав со Бојан Кркиќ. Тој се загуби во смисла на тоа да стане анксиозен, да не сака да го гледаат во јавноста, а луѓето некогаш забораваат на тоа. Станува збор за млада личност, безмалку дете, а светот очекува премногу од него. Бојан имаше храброст за тоа да зборува и ја раскажа својата животна приказна низ документарен филм, не можеше да се носи со притисокот и дури одби да игра на Светското првенство во Јужна Африка кога Шпанија ја освои титулата“, вели Анри.
Олеснителна околност за Јамал е тоа што Барселона сега нема таков склоп на ѕвезди како што имаше пред 15-тина година кога Кркиќ влегуваше во професионалниот фудбал. Тој во соблекувалната ги имаше Меси, Анри, Чави, Иниеста, Ибрахимовиќ... и очекувањата секогаш беа огромни. Барселона сега се наоѓа на пресвртница, а проектот се темели на Јамал кој иако се уште „средношколец“, засега одлично се „носи“ со целата атмосфера околу него.