Реми за Јунајтед во Шпанија, тежок пораз за Мурињо и Фенербахче (ВИДЕО)

Maнчестер јунајтед повторно не ги израдува своите навивачи и одигра реми на гости кај Реал Сосиедад 1-1, резултат кој сепак во оваа ситуација „црвените ѓаволи“ може да се смета и за поволен.

Првото полувреме помина со иницијатива на гостите од Англија, а добри прилики за отворање на резултат пропушти Гарначо. Шпанскиот состав од друга страна не упати ниту еден удар во рамките од голот во првите 45 минути.

Во второто полувреме домаќините заиграа подобро, но јунајтед сепак прв дојде до водство со голот на Џошуа Зиркзе во 57. минута. Не издржаа избраниците на Рубен Аморим да обезбедат водство пред реваншот и конечните 1-1 од пенал ги постави Ојарзабал во 70-тата минута.

Тешка задача во реваншот ќе имаат Мурињо и Фенербахче кои денеска претрпеа пораз од Ренџерс со 1-3. Уште во седмата минута гостите го отворија резултатот со голот на Десерс, израмни Џику во 30-тата минута, но до крајот на полувреме Черни се погрижи за нова предност на шкотскиот состав.

Во вториот дел стрелецот Черни уште еднаш се запиша во листата на стрелци за конечни 1-3.

Со истиот резултат заврши и средбата ФЦСБ – Лион, додека АЗ Алкмар го совлада Тотнем со 1-0.