Пелистер и понатаму грми од самодоверба, Спортинг падна во Битола!

Еурофарм Пелистер игра во најдобрата форма во последниве години, а потврда за тоа стигна преку победата над Спортинг во 6. коло од Европската лига, во еурофрична атмосфера во салата „Боро Чурлевски“.

Македонскиот вицепрвак на најдобар начин покажа дека заслужи повеќе од реми минатата недела во Лисабон и го надигра португалскиот ривал со 31-25, во извонредно второ полувреме. Тоа почна со 14-13 за битолчани, капитал од првите 30 минути и таквиот однос на силите траеше, речиси, во првите 10 минути, бидејќи екипите разменуваа гол за гол и стигнаа до 19-17. 

Потоа стапи на сцена се посилниот заштитен знак на „пелистерци“ - цврста одбрана и расположен голман - па Спортинг застана со реализацијата цели пет минути. Пелистер со два гола првпат поведе со плус четири, а потоа ја протегна серијата до 4-1, за да дојде до 23-18 во 46. минута. Ефикасноста во нападот беше беспрекорна, гостинскиот голман не можеше да ја почувствува топката, додека Мартон Секељ одржуваше ритам со десет одбрани во конечната статистика.

Спортинг ги надмина проблемите во играта дури некаде околу 55. минута, кога Пелистер веќе имаше недостижни плус шест, а до крајот дојде и до највисоки 31-24. Впечатокот е дека надмоќното второ полувреме беше плод на трпеливата игра и градењето во првиот дел, кога Спортинг водеше повеќе од времето. Имаше највисоки 8-5 во 17. минута, но како наближуваше паузата Е. Пелистер почнуваше да личи на себе.

Водството го презеде со одлична одбрана во завршните пет минути, кога беше 11-13, со серија од 3-0, без да му дозволи на Спортинг да поентира во тој период. Успехот е колективен, но најмногу се истакнаа како стрелци Јосип Периќ и Стипе Мандалиниќ со по седум гола, Граѓан и Табоада имаа по четири. Ова е трета победа за Е. Пелистер, сите во серијата од пет меча без пораз и сега со осум бода се качи на второто место во групата Д, со еден бод помалку од лидерот Ним и еден повеќе од Спортинг зад себе. Сега доаѓа зимската пауза во Европската лига, а во следното, седмо коло, зелено-белите патуваат во Ним.