Еурофарм Пелистер имаше добиен натпревар против Спортинг, во Лисабон, но мораше да се задоволи со 27-27, откако прокоцка напад на 30-тина секунди до крајот.

Не ни требаше да дојде до напната завршница, но македонскиот вицепрвак не успеа да го сочува стабилното водство, кое го имаше цел натпревар, па се доведе во рамноправна резултатска ситуација на 30 секунди до крајот поради сопствена грешка. Прво Спортинг напаѓаше за изедначување, кога загуби топка или, поточно, ја украде Мартин Велковски, меѓутоа истиот играч неколку секунди подоцна не успеа да ја исконтролира и Спортинг погоди за 27-27. Иако останаа секунди до крајот, Јосип Периќ не можеше да направи ништо.

Пред целата драма во финишот, Е. Пелистер имаше стабилно водство, кое датираше уште од воведот на мечот, кога отвори со 6-3 до 10. минута. Извонредно ги користеше шансите во нападот, а Мартон Секељ оствари шест интервенции во првиот дел, па предноста остана на 2-3 гола до големиот одмор, со конечни 16-14.

Наместо вообичаениот пад во играта во почетните минути од вториот дел, Е. Пелистер продолжи да игра сигурно, многу цвврсто во одбрана и сега уште побавно во нападот, со цел да ги умртви полетните обиди на домаќинот. Предноста се качи на највисоки 24-20 во 43. минута, а три подоцна Периќ имаше пенал за плус пет. Оттука почна пресвртот на Спортинг, кога словенечкиот голман Матевш Скок го одбрани пеналот, а по него уште четири удари на „пелистерци“, па Спортинг направи серија од 4-1.

Дури и тоа што важеше 27-25 во 58. минута не помогна победата да остане за македонскиот тим. Утехата е во тоа дека ова е четврти натпревар по ред во кој Пелистер е непорзен во Европа, а со освоениот бод дојде до шест, еден помалку од Спортинг и од Ним, кои се лидери на табелата. За седум дена, Португалците ќе допатуваат на своевиден реванш во „Боро Чурлевски“ во Битола. Вечерва се истакнаа Табоада со седум, Мандалиниќ со пет и Божиќ-Павлетиќ со четири од четири гола. Секељ имаше осум интервенции.