Тиквеш по скалпот на уште еден фаворит, Шкендија бара рехабилитација кај Арсими!

Денешната фудбалска програма во домашното првенство носи две исклучително интересни пресметки, откако екипата на Тиквеш ќе ја нагости Струга во обид да ја продолжи добрата серија по победата над Шкендија, а тетовска Шкендија ќе гостува кај составот на Арсими во Гостивар, со јасна цел експресно да им се врати на победничките патеки по неочекуваниот пораз во минатото коло.

Кавадарчани во натпреварот влегуваат со огромна самодоверба. Голманот на Тиквеш, Христијан Стевковски, потенцира дека тимот има јасен план како да стигне до позитивен резултат против дисциплинираната екипа на Струга.

„Струга важи за една од најдобрите екипи која и оваа година ќе се бори за титулата. Имаат одлична одбрана и одлични индивидуалци во нападот. Ние имаме наш план и доколку играме според насоките од стручниот штаб, можеме до позитивен резултат. Во тоа секако ќе ни помогне и нашата верна публика“, изјави Стевковски.

Од друга страна, стружани, предводени од Меметриза Хамза кој минатата сезона го реши дуелот во Кавадарци (1-0), ја бараат својата прва гостинска победа сезонава, откако во понеделникот запишаа четврти последователен триумф на домашен терен совладувајќи го Силекс. Правдата на овој натпревар ќе ја дели Игор Стојчевски.

„Работевме максимално и сите сме целосно фокусирани. Знаеме дека нè очекува тежок дуел, но веруваме во себе. Со максимална ангажираност и дисциплина се надеваме дека ќе стигнеме до посакуваниот резултат во Кавадарци“, возврати Хамза.

Тетовци ќе се соочат со екипа која најавува максимален ангажман и борба за секоја топка против апсолутниот фаворит. Тие во мечот влегуваат без суспендираниот Дрилон Ислами и повредениот Бојан Димоски, но со повратниците Рафаел Фреитас, Ендрит Красниќи, Марко Ѓорѓиевски и Бабукар Гаје. Главен судија на овој дуел ќе биде Влатко Илиоски. Десниот бек на Шкендија, Александар Трумчи, верува во правилна реакција на екипата по констатираните грешки.

„Тој пораз не ни падна лесно, особено по низата од пет победи. Ги анализиравме грешките и факт е дека самите дозволивме мечот да оди во таков правец. Арсими е сериозен ривал, но во Гостивар одиме да дадеме сè од себе и да ги освоиме сите три бода“, истакна Трумчи.

Од таборот на Арсими, пак, најавуваат силен отпор.

„На терен ќе влеземе максимално концентрирани. Почитта кон ривалот не значи предавање, наша цел е да го покажеме нашиот идентитет од првата до последната минута. Секоја освоена топка и цврста одбрана ќе биде дел од обидот да стигнеме до позитивен резултат“, велат оттаму.

Мечевите во Кавадарци и Гостивар почнуваат во ист термин - 16 часот.