Парондо: Овој Загреб ни е потежок, од тој на Лино Червар!

Со вечерашниот натпревар против Загреб (20.30), Вардар влегува во делот од сезоната кој не нуди простор за грешки. Роберто Парондо и ракометарите се подготвија за противникот, кој и онака добро го познаваат од средбите во СЕХА, но велат, дека нокаут-фаза во Лигата на шампионите е нешто сосема различно.

Незгодно е кога се игра против ривал со кого се познавате до порите на вашите тимови. Тешко е да понудите нешто што би го изненадило, но од друга страна не можете да „спиете“ на фактот дека противникот ви е прочитан. Парондо истакна дека и овој меч го подготвувале како и секој друг, многу анализирање, гледање видеа и примена на заклучоците на теренот.

Загреб ја почна годината со нов тренер, Бранко Тамше, кој дојде на местото на Лино Червар. Со него не само што се смени раководната постава, ами и философијата на играта на ППД Загреб.

„Секогаш се подготвени на нешто ново од противникот. Секогаш кога треба да играме важен натпревар разговараме со играчите за тоа што нè очекува, работиме на тренинг, нешто гледаме на видео и секогаш разговараме и анализираме. Сега Загреб трча повеќе и мислам дека оваа ситуација е потешка за нас. Меѓутоа, не можам да кажам дека сега е полоша или подобра екипа од кога беше Лино. Но, вака ќе ни биде потешко“, призна Парондо.

За да биде иронијата поголема, во двата меча против Загреб сезонава, го загуби оној од Червар, а го доби вториот, против Тамше. Но тоа не е никакво мерило, смета Шпанецот, бидејќи Лигата на шампионите е нешто друго. Притисокот кој го носи нокаут-фазата е задолжителен, дури може да биде и добар, според него.

„Треба да има притисок, затоа што сакаме да бидеме во четврт-финале. Сега нема простор за грешка и ако сакаме да играме во четвртфиналето мора да бидеме подобри од Загреб“, вели Парондо.

По големите проблеми со повреди есеноска, сега неговиот тим е далеку поподготвен. Недостасува само Сергеј Горбок, кој има различен режим на тренирање од останатите, поради закрепнувањето од операцијата на предните вкрстени лигаменти. Вуко Борозан е со екипата и тој уште незаздравен, но Парондо вели дека може да помогне.

„Три-четири играчи имаат проблеми, не се на сто отсто, но ако треба сите можат да играат.“, дополни Шпанецот.