Охрид доби противник по мерка во третото коло од ЕХФ Европскиот куп

Денеска во Виена беше извршена ждрепката за третото коло од ЕХФ Европскиот куп, а единствениот преостанат македонски претставник во ова натпреварување го доби својот ривал.

Охриѓани можат да бидат задоволни од исходот бидејќи избегнаа неколку посилни екипи и ќе се сретнат со претставникот од БиХ, Слога Добој. Станува збор за четвртопласирана екипа од минатата сезона во домашното првенство, но и со две победи во воведните две кола од актуелната натпреварувачка кампања. Добој е ракометен град, таму се одржува еден од најпознатите меѓународни турнири, но Слога само еднаш досега била шампион на БиХ, во 2012 година.

Охрид оваа сезона направи респектабилен тим со кој има цел да се вмеша во борбата за трофеите во домашниот ракомет и двомечот со Слога на 15/16 и 22/23 ноември ќе биде вистински тест за моменталниот квалитет.