Утре двојна програма со елитна одбојка во „Јане“: Струмица 47&72 и Јанта Волеј со тешки предизвици!

Утре во салата „Јане Сандански“ ќе има двојна програма во која македоските шампиони во машка и женска конкуренција, Струмица 47&72 и Јанта Волеј ќе играат натпевари од квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите

Одбојкарите на Струмица кои четврти пат ќе бидат дел од квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите од 17:00 часот ќе имаат тешка задача против најтрофејниот романски клуб, Динамо Букурешт. 

„Четврта година во низа Струмица е дел од најквалитетното европско натпреварување, но оваа година со поскромни амбиции со оглед на тоа дека добивме еден квалитетен ривал како Динамо Букурешт. Резултатот за нас не е во прв план, затоа што оваа сезона имаме подмладен тим и во прв план е да им се даде шанса на помладите играчи да собираат искуство. Секако дека со поддршката на поискусните ќе се обидеме да понудиме квалитетен и достоен отпор, па зошто да не освоиме и сет“, истакна капитенот на Струмица 47&72, Ефтим Ричлиев.

Фаворитската улога на противникот ја препушта и македонскиот репррезентативец Кристијан Илиев.

„Динамо Букурешт е фаворит, но токму таквата позиција на противникот е мотив повеќе за нас за докажување.“

Од друга страна шампионките на Јанта Волеј за првпат ќе бидат дел од елитното клупско натпреварување, а ќе се соочат со Гацко од БиХ, екипа која е трикратен освојувач на првенството во оваа земја. Тој дуел е закажан за во терминот од 20:00 часот.

„Јанта Волеј КВ испишува клупска историја со учеството во Лигата на шампионите. Имаме противник по мерка, со кој според анализите сме на исто ниво. Добро работевме изминатиов период, имаме две победи во домашното првенство кои добро дојдоа и за подготовка и кревање на атмосферата и позитивната енергија во тимот. Ние сме скромни во нашите очекувања, не летаме високо, за да не паднеме ниско. Одиме да освоиме сет, а потоа ќе видиме што ќе донесе натпреварот“ – потенцира тренерот Јаневиќ.

Тамара Тасевска верува дека дебито за нив може да биде позитивно.

„Самото учество на екипата во Лигата на шампионите е голем успех за нас. Како што кажа и тренерот испишуваме историја и радува нивото кое го достигнавме и каде е клубот во овој момент. Девојките се одлично расположени, сплотени сме, работиме сериозно и посветено. Помлада екипа сме, но тоа го гледам како предност која носи енергија и со мотивиран пристап се надевам на еден добиен сет, а зошто да не и меч“, вели Тасевска.

Влезот и за двата натпревари ќе биде бесплатен, а исто така ќе има пренос и на каналите на Ареена Спорт.