„Одиме по бодови во Кјелце, но и да не победиме да не биде 'ах Боже што ли се случи'!

Вардар замина за Полска, за да го оствари својот најдобар старт откако игра во Лигата на шампионите. Зад себе има четири победи и никогаш не стигнал до петтата, но нема да биде лесно ни сега, затоа што му гостува на Кјелце, еден од тимовите кои се способни да ја покорат Европа.

Ќе биде тоа дуел на два европски шампиони, едниот од 2016, другиот од 2017 година, а и двата од почетокот на сезонава го победија актуелниот, Монпелје и тоа на негов терен. Наспроти летните перипетии со финансиите и прошетката на работ на банкрот, Кјелце сега игра подобро од коло во коло. Заостанува само еден чекор зад Вардар, поради поразот во „Веспрем арена“, но тоа се случи во првата рунда. Сега делуваат уверливо и стабилно, предводени од доскорешните вардарци, Алекс Душебаев и Лука Циндриќ.

„Кјелце игра одлично, има фантастични ракометари кои ги познаваме. Ние ќе се поставиме исто како со Монпелје, Веспрем, Кристијанштад и со Рајн-Некар. Неделава работевме и го подготвувавме мечот најдобро што можеме и ќе се обидеме 60 минути да играме во силно темпо и фокусирани. Целта ни е да освоиме два бода, но ако резултатот не е толку позитивен да не почнеме да мислиме ‘ах Боже што ни се случи’. Сакам само да се фокусираме на играта“, изјави Парондо.

Нему не му недостига аналитичноста на Раул, па темелно го има проучено секој ривал од противничките клупи. Овој следниот, Талант Душебаев, дури и му беше тренер во Сиудад Реал, така што го познава во детали. Ако воопшто постои некаква непозната меѓу Вардар и Кјелце, таа треба да оди во корист на Вардар, поради променетиот состав и малку различните навики на Парондо како тренер.

„Сигурно дека нема да играме идентично како со Веспрем или со Монпелје. Секогаш се обидуваме да ги коригираме нашите движења, нашата одбрана во зависност од противникот. Можеби за луѓето сè изгледа исто, но секогаш мора да се прилагодиме“, вели Парондо.

За жал, ќе мора да ја прилагодува играта и принудно, бидејќи повредата на коленото на Рожерио Мораес беше преголема пречка за тој да може да настапи во Кјелце. Утре во 17 часот, кога почнува мечот, Стојанче Стоилов и Глеб Калараш ќе бидат двете опции на пикерската позиција. Тимот се засили и со Германецот Кристијан Дисингер, но тој нема право да настапи уште викендов.