Во Кјелце ќе биде турист: Дисингер ќе почека на деби за Вардар во ЛШ

Вардар повлече значаен потег за да го прошири својот ростер и да го направи тимот помоќен, носејќи го Кристијан Дисингер од Кил за следните две сезони. Германскиот репрезентативец побрза да го раскине договорот со Кил не случајно, пред репрезентативната пауза и пред да заврши месецот.

Вардар го купи Дисингер на време за да го има на располагање веќе од 6. коло во ЛШ. Правилникот на ЕХФ вели дека задоцнето пријавување на ракометари може да се врши според строго утврдени рокови. За да може еден клуб задоцнето да пријави играч, а да го има на располагање во првите пет кола, рокот за регистрација е 11 септември.

Оттука, дури и да можеше експресно да се вклопи, Дисингер не смее да игра против Кјелце, во Полска, в недела. Меѓутоа, затоа Вардар е кометен за да го испочитува следниот рок, кој вели дека секој задоцнето пријавен ракометар мора да биде регистриран во ЕХФ до 30 октомври за да смее да игра од 6 коло натаму. Тоа значи дека Дисингер ќе биде во строј за мечот со Мешков Брест, на 3 ноември, во „Јане Сандански“.

Ако се случи Вардар да има дополнително засилување во текот на сезоната, да речеме по јануарската пауза, за да може да смета на него во рундите 11, 12, 13 и 14, треба да го регистрира до 5 февруари.

Еден важен момент во купувањето на Дисингер е тоа што тој доаѓа од клуб кој не се натпреварува во Лигата на шампионите. Колку и да е неверојатно тоа кога е во прашање Кил, лошиот пласман во Бундеслигата минатата сезона го тргнаа од елитнито список, а неколку месеци подоцна тоа им дојде како „кец на десетка“ на вардарци. Купувањето на ракометар кој веќе настапил во ЛШ за друг клуб е бескорисно во оваа фаза од сезоната. Единствен начин некој да премине од еден во друг клуб кои настапуваат во ЛШ и повторно да игра, е ако трансферот е направен по 31 јануари 2019, а потоа да биде регуларно пријавен следејќи ги роковиве.