Новата ждрепка може да донесе хорор група во ЛШ за Вардар!

Лигата на шампионите вечерва ќе го добие својот лик за претстојната 2020/21 сезона, која ќе има повеќе скратен, отколку нов формат. Практично, од четирите групи, остануваат само оние што досега беа А и Б, групите со 16-те (теоретски) поквалитетни екипи, а денеска ќе биде познат и нивниот состав со помош на видоизменетата ждрепка. Таа ќе почне во 18 часот и, навидум, ќе се одвива со една важна новина - четири, наместо досегашните осум „шешири“.

Вардар во последниве три сезони беше во првиот шешир, заедно со ПСЖ и тоа секогаш значеше дека не може да биде во група со најскапиот тим на светот, чиј тренер сега е Раул Гонзалес. Меѓутоа, овој пат таа опција е отворена, затоа што од првиот шешир ќе се пополнуваат по две места во секоја од групите А и Б. Тоа значи дека Вардар сигурно ќе добие еден од ПСЖ, Барселона и Веспрем, екипите кои се во првиот „шешир“.

Некој ќе рече, така беше и досега, секогаш ги имавме или Барселона или Веспрем во групата, но сега може да ни се падне и ПСЖ, а уште попроблематично станува како одиме надолу по шеширите. Во вториот шешир се Кил, Кјелце, Порто и Алборг, па и од тој шешир црвено-црните ќе добијат двајца противници. Разликата од минатите сезони е во тоа што, тогаш беа стрикно поделени (на пример), Кил и Кјелце ќе беа во еден шешир и ќе добиевме еден од нив, а еден од Порто и Алборг, кои ќе беа во свој шешир. Сега незгодното е што, ако се намурти среќата, може да се добијат и Кил и Кјелце во една иста група.

Оттука, може веднаш да се воочи дека случајноста може да креира хорор-група за Вардар во новата сезона. Судејќи по рејтингот на клубовите, досегашните успеси и актуелната сила на составите, најтешката можна група (по наш избор) би била: Вардар, ПСЖ, Кил, Кјелце, Пик Сегед, Нант, Фленсбург и Цеље.

Од првиот шешир го одбравме ПСЖ како најтежок, чисто поради застрашувачките имиња во ростерот, предводени од Карабатиќ и Хансен, сега засилени и со „нашиот џин“, Даинис Криштопанс. Згора на тоа го имаат Раул Гонзалес на клупата. Од вториот шешрир Кил и Кјелце значајно отскокнуваат по реномето од Алборг и од Порто, слично како и Пик Сегед и Нант во однос на Мотор и на Мешков. Фленсбург е најзвучната екипа од четвртиот шешир, а Цеље би требало за нијанса да е подобар од Загреб и од Елверум.

Спротивно на ова, може да се состави најпосакуваната комбинација со противници: Вардар, Веспрем, Алборг, Порто, Мешков, Мотор, Загреб, Елверум. Не дека ова е група во која Вардар „би се прошетал“, но сигурно е помало зло од онаа погоре. За која ќе се реши судбината или, пак, што измеѓу ќе му додели на Вардар, ќе дознаеме денеска по 18 часот.