И во Австрија може да се случи: Диви свињи „изорале“ фудбалски терен - одложени два натпревара
Непоканетите гости во текот на ноќта го претвориле дел од теренот во вистинска ораница, прекопувајќи површина од околу 50 до 60 квадратни метри. Штетата била забележана во саботата наутро од сосед, кој веднаш го известил претседателот на клубот Нико Ферчак.
Клубот се обидел да го спаси теренот, па ангажирал специјализирана компанија за обработка и рамнење на оштетениот дел. Сепак, дождот дополнително ја влошил состојбата и тревникот не ги исполнувал условите за одигрување натпревари. Бидејќи немало доволно време да се пронајде друга локација, двата меча морале да бидат одложени.
Ова не е првпат клубот да се соочи со ваков проблем. Слична посета од диви свињи имало и пред две години, но овојпат раководството решило да преземе дополнителни мерки.
Покрај обидите за санација на теренот, поставена е и електрична ограда за дивеч на пристапот од блиската шума, со надеж дека животните нема повторно да направат фудбалски хаос на стадионот.