Нант и Лазаров го загубија француското дерби од ПСЖ и Раул во ЛШ

Македонскиот репрезентативец Кире Лазаров и неговиот Нант доживеаа уште еден пораз на Ф4-турнирот во Лигата на шампиони (ЛШ) откако денеска доживеаа неуспех против ПСЖ со 28-31 во борбата за третата позиција.

Нант има за што да жали бидејќи водеше со два гола разлика речиси до средината на првото полувреме (7-5), но потоа екипата на поранешниот македонски селектор Раул Гонзалес направи пресврт и на паузата замина со 17-13.

ПСЖ ја одржуваше предноста од три голови во поголемиот дел од второто полувреме, но Нант влезе во одлична серија и стигна до единственото израмнување (24-24), но сепак тимот на Лазаров во финишот немаше концентрација и доволно сила за пресврт, па мораше да се задоволи со четврото место.

Најефикасен кај Нант беше Ејмерик Мине со пет погодоци, додека Лазаров постигна само еден од три обиди. На спротивната страна најдобар беше Феран Соле со пет гола.