Митревски со 10 одбрани не успеа да го запре Динамо Букурешт

Македонскиот голман Никола Митревски имаше солиден настап за Порто, но неговиот тим повторно загуби во ракометната Лига на шампиони (ЛШ), и тоа овој пат од Динамо Букурешт со 27-32.

Португалците бркаа негатива во поголемиот дел од првото полувреме, по што конечно стигнаа до водство од 10-9 во последните 10 минути, но сепак Динамо Букурешт заигра за нијанса подобро и стигна до 13-12 пред паузата.

Динамо Букурешт добро го отвори второто полувреме во кое набрзо поведе со 18-14 и така му избега на Порто за момент, но сепак португалскиот состав не се даваше и постојано се враќаше на еден гол негатива (24-25).

Домаќинот, сепак, го скрши отпорот на Порто во завршницата од дуелот, кога создаде водство од четири гола (28-24), по што гостите не успеаа да се вратат во игра (32-27).

Митревски запиша 10 интервенции за Порто, но сепак тоа не беше доволно за да се избегне четврти пораз во ЛШ.

Во другиот меч кој се играше во ист термин, Нант ја оправда фаворитската улога и славеше против Целје со 35-24.