Ќе биде пеколно: Секој Македонец ќе мора да се „тепа“ против петмина Словенци!

Нерамноправна битка ја очекува македонската навивачка фаланга на утрешниот меч против Словенија на стартот од ракометното Европско првенство (ЕП), со оглед што се очекува на трибините во загрепска „Арена“ да се најдат дури 10.000 навивачи на противничкиот тим.

Тоа значи дека секој Македонец кој ќе дојде да ги бодри избраниците на селекторот Раул Гонзалес ќе мора да „војува“ против петмина ултра-гласни Словенци со оглед што е најавено дека во хрватската престолнина ќе отпатуваат околу 2.000 фанови на жолто-црвените. Огромната бројка навивачи на нашиот прв противник на континенталниот собир воопшто не изненадува, со оглед на близината со Загреб како и одличните резултати на „дежела“, кои носат дополнителен мотив за присуство на натпреварите на нивните спортски селекции.

Се очекува колони од автомобили, автобуси и железнички композиции во текот на утрешниот ден да се упатат од цела Словенија кон главниот град на Хрватска, каде што ќе дојдат и тие што немаат обезбедено билет за да навиваат во фан-зоните и по улиците на Загреб. Слично беше и пред три години, на кошаркарскиот шампионат во „Арена“, каде што словенечките фанови беа во најголем број односно доминираа во однос на сите останати во групата во која беше и Македонија.

Сепак, искуството вели дека без разлика на побројниот противник, македонската фалага и на претстојното ЕП ќе биде од голема помош за ракометарите на теренот,односно нивни осми играч чија помош е неопходна во битката за што подобар пласман на првенството во Хрватска.