
Јовиќ по поразот од Кил порача: Наша е двојната круна во Македонија!
Тренерот Александар Јовиќ истакна дека мечот го загубија на (не)искуство и дека во клучни ситуации Пелистер направи клучни грешки.
„Се покажавме во едно добро светло против, по мене најдобриот ракометен клуб во Европа. Мислам дека париравме во текот на сите 60 минути, ни се укажа шанса да избориме можеби и нерешен резултат, можеби и победа. Пропуштивме и мислам дека тоа се должи на неискуство на нашите играчи. Направивме некои технички грешки, промашивме зицер позиции и големите играчи како овие од Кил знаат да го казнат. Мислам дека од овој натпревар ќе добиеме уште поголема самодоверба како тим и нашиот пријател ќе биде времето.“, вели Јовиќ.
Според него, кога екипата ќе „кликне“ ќе стигне и до двојната круна во Македонија оваа сезона.
„Ние сме нова екипа и ни треба време да се запознаеме и ние тренерите со играчите и играчите со нас, тоа сето да го вклопиме и да направиме една добра приказна, јас не се сомневам во тоа. Ние како тим само ќе растеме. Нашите цели се домашно првенство да ги освоиме двата пехара и тоа со сигурност ви тврдам дека ќе го направиме оваа сезона, а во ЛШ да се претставивме како денеска. Така мора да бидеме во сите натпревари, зашто Битола како град заслужува да се радува“, додаде Јовиќ.
Тој не пропушти да ги поздрави и навивачите во Битола, кои денеска прославија 38. роденден на „Чкембари“.
„Сакам да и се заблагодарам на публиката која нѐ бодреше во текот на целиот натпревар и да ѝ го честитам роденденот на нашата навивачка група Чкембари, кои се најдобрата навивачка група на овие простори, а можам да кажам и во Европа и во светот. Благодарност и до сите во клубо ти во градот кои за кратко време успеаја да поработат и на инфраструктурата и на салата, што не е мала работа. Мислам дека Битола тоа го заслужува и ќе знае да го награди“, заврши тренерот.