Јунајтед е фаворит во финалето од ЛЕ, а сезонава три пати изгуби од Тотнем

Непосредно по синоќешните полуфинални натпревари, обложувалниците ги објавија коефициентите за победникот во финалето, односно освојувачот на титулата во Лигата Европа.

Во мечот за трофејот ќе се сретнат англиските екипи Манчестер Јунајтед и Тотнем кои со тоа имаат можност да ја спасат очајната сезона во Премиер лигата каде се наоѓаат во долната половина од табелата, а и да се пласираат во Лигата на шампионите. Финалето е на програмата на 21 мај во Билбао, а интересно е тоа што букмејкерите му даваат предност, иако мала, на Манчестер Јунајтед.

Квотата на „црвените ѓаволи“ во моментов изнесува 2,53, а на лондонскиот тим 2,89 што би требало да гарантира голема борба за трофејот во финалето од Лигата Европа.

Сепак, ваквиот сооднос е мошне чуден, ако се знае билансот во меѓусебните дуели на Јунајтед и Тотнем оваа сезона. Спарс победија на сите три пресметки со Јунајтед од кои две беа во Премиер лигата, а една во Лига купот. Во првенството славеа со 3-0 на Олд Трафорд и 1-0 на својот стадион, а во Лига купот со 4-3 на домашен терен. Освен тоа, Тотнем е во серија од шест меча без пораз од Манчестер Јунајтед, а тимот од Олд Трафорд последен пат славеше на 19 октомври 2022 година, кога негов член се уште беше Кристијано Роналдо.

фото: Premier league