Грците ги чека пекол: Алкалоид ги распродаде сите карти за историскиот дуел со АЕК!

Екипата на Алкалоид ќе има огромна помош на патот кон историскиот прв европски трофеј во клупската историја, откако ги распродаде сите билети за реванш-дуелот од финалето од Европската лига против АЕК – закажано за в недела во салата „Борис Трајковски“.

Ова значи полни трибини и вистински пекол за гостите од Грција, како и огромна дополнителна помош за момците предводени од Кирил Лазаров во обидот да ја задржат, па и зголема предноста обезбедена во првиот дуел во Атина (29-25).

Алкалоид во неделниот реванш ќе влезе со големи четири гола позитива и со огромна шанса да ја донесе четвртата меѓународна круна на македонскиот ракомет, по двата европски трофеи на Вардар и едниот на Кометал Ѓорче Петров во женска конкуренција.