
МЗТ во последните пет финалиња има 15 победи и само еден пораз - пред три години!
Аеродромци се во серија од пет титули по ред, а сигурно демотивирачки за ривалот од скопската населба Тафталиџе ќе биде и нивната доминација во клучните дуели за освојување на победничкиот трофеј. МЗТ Скопје, разбирливо, има 15 финални победи од 2019 година до сега (во 2020 не се играше финале поради корона) и само еден пораз. „Металците“ немаа милост за Работнички, Еуро Никел и двапати за Пелистер, на кои им подарија „метла“ во битките за титула во 2019, 2021, 2023 и 2024 година, додека единствениот пораз им е од битолскиот тим во финалето во 2022 година и тоа по продолжение. Ова значи дека четата предводена од Васко Атанасов дури три години не знае како е да се загуби натпревар за шампионски пехар, што секако ќе биде дополнителен притисок на ТФТ, кој има искуство само од само една финална пресметка и тоа во Купот на Македонија.
Финалната серија почнува утре (четврток) во „Јане Сандански“, каде што ќе се одигра и втората средба в понеделник (26 мај). ТФТ ќе биде домаќин на третиот дуел на 29 мај (четврток) како и на четвртата средба на 2 јуни ако за неа има потреба. Евентуалната „мајсторка“ би се одиграла на 6 јуни повторно во „Јане Сандански“. МЗТ Скопје досега има освоено 11 титули, а се уште убедливо најтрофеен е Работнички со 15 шампионски пехари без разлика што шест години не играл во финалето.