Главаш „му призна“ на Пелистер: Подобро отвори, заслужено победи

Филип Главаш беше убедливо најдобар поединец во тимот на Загреб на синоќешниот натпревар против Пелистер во Битола, но сам не успеа да го сруши македонскиот првак.

Пелистер славеше со 25-23 и со триумф ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите. Мечот беше неизвесен до последниот напад, малку недостасуваше гостите да дојдат барем до бод, но во клучните моменти, Пелистер успеа да се одбрани.

„Пелистер подобро го отвори натпреварот, тоа е јасно. Во второто полувреме успеавме да поведеме, но во клучните моменти не бевме на ниво и не успеавме да ја оствариме нашата цел. Пелистер заслужено секако победи“, изјави Главаш кој постигна седум гола од осум шута.

Во второто коло Пелистер му гостува на ПСЖ, а Загреб оди во Полска, кај екипата на Висла Плоцк.