Ѓорче Петров со 94 гола до осминафиналето во Европскиот куп (ФОТО)
По триумфот на гости со 46-39, вечерва Ѓорче Петров славеше уште поубедливо, со 48-36 и како најефикасна екипа, со вкупно 94 постигнати гола обезбеди пласман во осминафиналето од европското натпреварување. Зад нашиот тим остана словачкиот Михаловце кој против Истогу постигна 90 гола (43-18 и 47-18).
Гостинските ракометарки во првото полувреме беа рамноправни, имаа и два гола предност (6-4), а на големиот одмор Ѓорче Петров замина со водство од 22-20. Така беше уште 5-6 минути во вториот дел по што дојде клучниот период на мечот. Македонскиот првак направи серија од 7-0 за водство од 31-24 по што Еупен ниеднаш не ја загрози победата, а Ѓорче во финишот уште еднаш постигна седум гола по ред и дојде до највисокото водство, од 13 разлика (48-35).
Коларовска и Ризовска со по 11 гола беа најефикасни во тимот на Ѓорче Петров, а сите останати ракометарки се запишаа во листата на стрелците. Голманскиот тандем оствари 14 одбрани. Својот противник во осминафиналето, Ѓорче Петров ќе го добие на 21 ноември.