Еурофарм мора да го надомести загубеното од Битола

Македонскиот вицепрвак, Еурофарм работник, денеска од 18 часот му гостува на Татран Прешов, во 6. коло од ракометната Лига на шампионите. Овој меч доаѓа како своевиден реванш, само две недели откако словачкиот тим се радуваше среде Битола, со 24-23.

Пред натпреварот кој треба да го означи почетокот на втората половина од сезоната во ЛШ за Еурофарм работник, реално е да се констатира дека македонскиот вицепрвак престана да игра за сензационален пласман на првите две позиции во групата Ц, кои носат во плејоф за осминафинале, туку за свој личен развој. Таа зрелост е елементот кој недостигаше досега битолчани да имаат четири, шест или дури осум бода, наместо само два, со оглед дека сите четири порази, во петте натпревари, ги забележа со по еден гол негатива, а со претходно водство.

Така беше и пред две недели кога во Битола дојде Татран Прешов, како аутсајдер во групата, без ниту еден бод и со очигледн поранлив тим, во споредба со претходните неколку сезони. Меѓутоа, Еурофарм и тој сплет на околности не успеа да го искористи за победа, без разлика што водеше со пет гола позитива во еден момент, затоа попладнево императив е да се врати загубеното.

Стевче Алушовски повторно го нема на располагање Никола Маркоски, кој е повреден веќе еден месец, а од скоро не е на располагање ни специјалистот за дефанзива, Милорад Кукоски. Сепак, фит се носителите на тимот, како Јотиќ, Остроушко, Стјепановиќ, Вегар, голманот Митревски, затоа Еурофарм ги има сите алатки за триумф во Прешов.

Нови два бода би значеледека Еурофарм ќе дојде до четири, колку што има фински Кокс, на четвртата позиција, враќајќи го приклучокот кон поуспешните екипи од групата.