Циндриќ го напушти Динамо Букурешт и со Чави Пасквал оди во Веспрем

Поранешниот ракометар на Вардар, Лука Циндриќ го раскина договорот со Динамо Букурешт и во новата сезона ќе биде член на Веспрем.

Во унгарскиот гигант се сели во пакет со тренерот Чави Пасквал со кого соработува уште од деновите во Барселона и кој исклучително го почитува. Во договорот со Динамо, Циндриќ имаше клаузула според која може да си замине ако од клубот си отиде Пасквал, па откако се случи тоа, не постоеја пречки за Хрватот да го следи патот на својот тренер.

Во новиот клуб, Циндриќ ќе биде една од најголемите ѕвезди и ќе се обиде да го прекине проклетството кое го следи Веспрем. И покрај големите вложувања, унгарскиот клуб уште нема титула во Лигата на шампионите, за разлика од Циндриќ кој елитното натпреварување го освојуваше три пати: во 2017 година со Вардар и потоа во 2021 и 2022 година со Барселона.