Алушовски: Јас сум сменет уште пред да почне сезоната!

Вардар се врати од Брест со несреќен пораз од Мешков во првото коло од ракометната Лига на шампионите, а јавноста како виновник за тоа го најде тренерот Стевче Алушовски, па по социјалните мрежи можеа да се сретнат доста негативни коментари и повици за оставка. Тој вели дека се фокусира на работата и недозволува до него да допрат притисоците.

Уште кога дојде Михајло Михајловски на чело на Вардар се покрена темата за тренерското столче на Акушовски, но потенцијална смена уште пролетта демантира Михајловски, а самиот Алушовски го потврди тоа на почетокот на подготовките. Неколку натпревари подоцна и неколку проблематични изданија на Вардар ја потхранија оваа тема, па го прашавме поранешниот македонски репрезентативец за коментар.

„Јас сум сменет уште пред да почне сезоната, од тогаш почна таа хајка против мене. Јасно ми е што се зборува во јавноста, меѓутоа мене ме интересира мислењето на еден човек, на Михајло Михајловски, а со него добро се разбираме. Јас знам колку вредам, колку сум посветен и колку се вложувам за овој Вардар, тоа некој го гледа и според тоа решава.“, вели тренерот на Вардар.

По Ф4-турнирот од СЕХА-лигата, во Задар, се роди една шпекулација дека постои некакво несогласување во црвено-црните редови, во прв ред меѓу Алушовски и постарите играчи од тимот. Сето тоа беше основано на бурниот тајмаут од финалето со Веспрем, во кое Алушовски и Чупиќ имаа вербална размена на малку повисок тон. Сепак, Алушовски демантира дека има проблеми од таква природа во екипата.

„Мојот однос е коректен и позитивен со сите играчи. Гледам што се пишува и што се објавува и како се користи секој погоден момент за да се насочи против мене, меѓутоа од првиот миг, па досега функционираме одлично и со Чупиќ и со сите останати. Притисоците од јавноста постојат, се среќавам со нив секојдневно, но навистина не можам да слушам и читам што ќе каже или ќе напише секој. Мене ми е се важни играчите и ми е важен Вардар. Пак ќе речам, јас знам колку работам, колку давам за овој тим, ако тој што треба смета дека тоа не е доволно - нека бидам сменет. Јас мислам дека од натпревар во натпревар играме подобро. Штета што не дојде и резултатот“, истакна Алушовски.

И што е право - право е, Вардар одигра солиден меч и во финалето од СЕХА-лигата со Веспрем и синоќа во Брест. Впечатокот и резултатот го расипаа последните неколку минути во кои целиот меч отиде во неврат. 

„За поразот од вчера, што да се каже. Ко да ми е судено да губам на ваков начин. Сѐ беше добро до пет-шест минути до крајот, имавме и шанси, имавме три шута на гол, ама тие треба да се погодат. Не обвинувам никого. Играчите дадоа максимум, дадоа сѐ одсебе и јас ја преземам одговорноста, таа е секогаш на тренерот кога се губи натпревар. Во тие последни три-четири минути нема што многу да направите. Игравме, создадовме шанси, требаше уште да нѐ посака да постигнеме гол. Немавме среќа“, прокоментира Алушовски.

Следниот предизвик за Вардар е за седум дена, на 24 септември, кога во Скопје гостува Елверум. Се враќаат на тренинзи во полна пареа, дури и Кристијан Дисингер, кого очигледно го мачи повредата на ногата, но во оваа почетна фаза од сезоната, потребен е секој што макар малку може да придонесе.