Чави повторно ќе работи како тренер и тоа во Премиер лигата!?

Чави Ернандез сè почесто се споменува како можно ново решение на тренерската клупа на Тотнем, откако раководството на лондонскиот клуб почнало сериозно да ја разгледува опцијата за ангажман на поранешниот тренер на Барселона, пренесуваат британските медиуми.

Шпанскиот стратег во моментов е без клуб, што значително ја олеснува евентуалната реализација на ваков потег, а во таборот на „спарс“ веруваат дека токму тој би можел да донесе потребен пресврт по разочарувачкиот старт на сезоната. Незадоволството во клубот е насочено кон актуелната состојба во Премиер лигата, каде по 16 одиграни кола Тотнем се наоѓа на 11. позиција, како и кон отсуството на јасен и препознатлив стил на игра. Иако Франк ја презеде екипата во јули, според оценките на управата, напредокот на теренот е минимален.

Чави, кој по завршувањето на играчката кариера ја започна тренерската работа во катарски Ал Сад, најголемиот печат го остави на клупата на Барселона, која ја предводеше од ноември 2021 до јуни 2024 година. Во тој период, каталонскиот гигант под негово водство ја освои титулата во Ла Лига во 2023 година.

Во редовите на Тотнем сметаат дека Чави, со својата фудбалска филозофија и богато искуство, би можел да претставува долгорочно решение, да воспостави атрактивен и офанзивен стил на игра и да ја подигне конкурентноста на тимот на највисоко ниво.