Алборг го распарчи Нант на Лазаров, Манасков даде три гола во победата на Веспрем

Македонските репрезентативци Кире Лазаров и Дејан Манасков беа во акција за нивните екипи во ракометната Лига на шампиони. Капитенот на македонската селекција заедно со Нант беше поразен кај Алборг со 24-32, додека неговиот помлад колега славеше со Веспрем кај Целје.

Данскиот тим одигра навистина одличен меч и прашањето за победникот на мечот го реши уште во првото полувреме, кое го доби со високи 16-9, по што Нант се мачеше, но никако не успеа да ја намали негативата. Лазаров за француската екипа постигна два гола, додека најефикасен на натпреварот беше Јенсен со шест гола за Алборг.

Манасков имаше многу добар меч во убедливиот триумф на Веспрем од 39-24 против Целје и постигна три гола. Унгарскиот гигант првото полувреме го доби со 18-11, по што без проблеми си освои нови бодови.

На последниот меч кој се играше во истиот термин од 18.45 часот, Виве Кјелце славеше против Мешков Брест со 34-27.