
Вардар во последните секунди освои злато вреден бод во Автокоманда!
Алкалоид одлично тргна во мечот, имаше водство од 5-2, но Вардар брзо се созема и со серија од 3-0 изедначи на 5-5. Двете екипи се менуваа во водство, на полувремето се замина со нерешени 12-12.
Слично беше и во вториот дел со таа разлика што Вардар отвори подобро, направи предност од 19-15, која Алкалоид брзо ја стигна и израмни на 20-20. Момците на Лазаров беа поблиску до победата, имаа предност од 26-25, Вардар го имаше последниот напад и на неколку секунди до крајот Лазаревски реализираше за израмнување на 26-26.
Мартин Серафимов со осум голови беше најефикасен во составот на Алкалоид, Мартин Ивановски постигна пет погодоци, кај Вардар најдобар беше Вуко Борозан со седум голови, Милан Лазаревски даде шест.
Ова реми ги остава црвено-црните на врвот, а под претпоставка дека ќе нема изненадувања, Пелистер ќе треба да ги добие двете гостувања во Скопје, против Алкалоид и Вардар за да ја одбрани титулата.