
Вардар „виросан“ и без Јасухира оди во Битола, Пелистер мисли само на победа!
Вардар побара, но не доби одложување на дербито и покрај тоа што имаше 15 члена на тимот и стручниот штаб заразани, така што денеска од 18 часот во „Боро Чурлевски“ прашање е со каков состав ќе излезе и кои од ракометарите ќе бидат способни за игра. Она што е сигурно е дека двигателот на Вардар од почетокот на сезоната, Косуке Јасухира, нема да настапи.
Средниот бек се наоѓа во Катар, со репрезентацијата на Јапонија и Вардар првично доби дозвола да се врати порано и на време за дербито во Битола, но ситуацијата со вирусот го смени мислењето на Јапонците, па за да биде заштитен од потенцијално заразување, не дојде во Скопје.
Пелистер од друга страна не е погоден од вирус, но се справува со тешка серија од пет порази во Лигата на шампионите од исто толку натпревари, плус две загубени пресметки со Вардар од септември. Црврено-црните прво славеа во Струмица на Супер купот со 30-26, а потоа во Скопје со 30-25 во првото коло од првенството.
Избраниците на Александар Јовиќ имаат голема потреба за победа, не толку поради трите бода заостанување на табелата, колку за самодоверба во пресрет на преостанатите уште позначајни дуели против Вардар кои доаѓаат оваа сезона. Сепак, бодовите ќе бидат важни, затоа што првопласираниот од оваа група Б ќе пренесе три бода во следната, плеј-оф фаза, а второпласираниот - два. Овој дуел ќе биде пресуден за тие позиции, а ако победи Пелистер во игра ќе влезе и гол-разликата.
На битолчани потребна им е победа од шест разлика за да бидат сигурни дека ќе го преземат првото место, со помалку од пет Вардар ќе остане прв, а кога би била точно со пет разлика тогаш ќе биде важен и бројот на постигнати голови.