Британскиот премиер со порака до Абрамович: Ослободи ги парите за да ѝ ги дадеме на Украина
Премиерот денес им рече на пратениците дека е издадена лиценца за да се овозможи средствата од продажбата на лондонскиот клуб да бидат префрлени на нова добротворна фондација во Украина. Доколку Абрамович не се придржува, владата е подготвена да преземе правни мерки, така што секој цент „ќе стигне до оние чии животи се растргнати од нелегалната војна на Путин“. Абрамович го продаде клубот во мај 2022 година, откако веќе беше санкциониран по инвазијата на Владимир Путин. Олигархот вети дека ќе ги донира средствата од продажбата на народот на Украина, но досега не успеа да постигне договор со британската влада за понатамошни дејствија и средствата остануваат замрзнати.
Одлуката за доделување лиценца за трансферот на пари е обид да се принуди Абрамович да го почитува своето ветување пред владата да преземе правни мерки. Министерството за финансии изјави дека министрите ќе разгледаат каква било понуда од Абрамович доброволно да ги префрлат парите во Украина.
Според „Скај“, постои несогласување меѓу британската влада и Абрамович бидејќи владата сака парите да одат во Украина, додека олигархот инсистира средствата да одат кај „сите жртви“ од војната, што би значело дека дел од нив би оделе во Русија.
Продажбата на Челзи се случи во време кога Абрамович веќе беше под санкции. Таа се случи само затоа што му беше доделена посебна лиценца што ја дозволува продажбата, под услов да може да докаже дека нема да има лична корист. Парите сè уште законски му припаѓаат на Абрамович, но тој нема пристап до нив.