Тренерите на Барса газат: Луис Енрике им се придружи на Гвардиола и Флик во елитното друштво

Екипата на ПСЖ вечерва го совлада Фламенго во финалето на Интерконтиненталниот куп и со тоа ја комплетира колекцијата од шест трофеи во 2025 година.

„Светците“ со тоа им се придружија на Барселонa и на Баерн Минхен кои во 2009, односно 2020 година направија таков подвиг, претходно невиден во историјата на фудбалот. Трите екипи славеа во Лигата на шампионите, домашните првенство, Куп и Суперкуп, потоа Суперкупот на УЕФА и Интерконтиненталниот куп. ПСЖ имаше шанса годинава да стане првиот клуб со седум трофеи во една година, но загуби од Челси во финалето на Светското клупско првенство.

Покрај францускиот гигант, во историјата се запиша и Луис Енрике кој стана трет тренер со шест трофеи во календарска година. Шпанецот со тоа влезе во елитното друштво во кое досега беа само Пеп Гвардиола и Ханси Флик, тренерите кои ги водеа Барселона и Баерн до гореспомнатите успеси. Куриозитет е тоа што сите тројца тренери работеле или работат во Барселона.

Луис Енрике имаше шанса да ги освои шесте трофеи во една година и во 2015 кога со Барса дојде до тројната круна во една сезона, но тогаш загуби во шпанскиот Суперкуп од Атлетик Билбао.