Вардар пред потпис со Вујин, се „крчка“ трансфер и на - Зарабец!

Во трката по што поквалитетен тим за новата сезона, Вардар се наоѓа пред ново големо засилување. Црвено-црните се пред потпис со легендарниот српски десен бек, Марко Вујин, а според одредени германски медиуми, новиот менаџмент бил заинтересиран и почнал преговори и со среден бек со ѕвездено име.

Легендата на Веспрем и на Кил ќе потполни една од најголемите празнини во тимот на Вардар по минатата сезона. Доаѓа од Спортинг, каде што помина една сезона и не се наигра многу, но затоа неговата кариера пред тоа говори за величината на неговото име.

Од 2006 до 2012 година играше за Веспрем, а во следните седум за Кил, но никогаш не успеа да стигне до европската титула.

Покрај десен бек, на Вардар му треба и среден, како замена за Сташ Скубе, а германските медиуми велат дека се уште актуелниот европски првак е во разговори со идеална замена за него – Миха Зарабец. Нискиот „плејмејкер“ има договор со Кил до 2021 година, меѓутоа со доаѓањето на Сандер Сагосен од летово, неговата минутажа драстично ќе падне, а тој сакал да има важна улога во тим кој настапува во Лигата на шампионите.

Вардар досега се договори со францускиот голман Кангеграл, со рускиот лев бек Санталов, како и со македонските репрезентативци Талески и Георгиевски, а позициите десен и среден бек чекаат да бидат пополнети. Очигледно, за нив се подготвуваат две огромни имиња на европскиот ракомет.