Вардар го совлада и Алкалоид - црвено црните го освоија турнирот во Охрид!

Поранешниот европски шампион Вардар триумфираше на Меморијалниот ракометен турнир „Крстe Андоновски“ што последните денови се одржуваше во Охрид.

Во финалниот меч, по голема борба, „црвено-црните“ го совладаа Алкалоид со 25-23 и најавија дека се подготвени за претстојната сезона. Ова е прв пехар за Вардар на охридскиот турнир и прв трофеј ова лето откако минатата недела загуби во финалето од турнирот во Струга.

Клучен период за победата на Вардар беше воведниот, поведе со 13-5, а на полувреме замина со 15-9. Се чинеше дека Алкалоид е нокаутиран, но во вториот дел тимот од Автокоманда кој се доближи на само еден гол негатива (20-21) во 52. минута. Во важните моменти, Вардар ги имаше Хориха во нападот и Еспиња на голот, а погодокот за одлука го постигна Лазаревски на почетокот од последната минута за 25-22. 

Еспиња забележа 11 одбрани, а Хориха заврши како прв стрелец на Вардар со 7 гола. Кизиќ имаше 12 одбрани во тимот на Алкалоид, а исто така со седум гола, најефикасен беше Костески.

Третото место на турнирот го освои Цеље кој службено го победи Олимпијакос затоа што тројца ракометари на грчкиот тим се пожалиле на стомачен вирус.